За центарот

ПРЕХРАНБЕНО-ТЕХНОЛОШКИ ЦЕНТАР ЗА РАЗВОЈ НА ИНОВАТИВНИ ПРОДУКТИ (ПТЦ) е формиран преку Грантовата шема за иновативни проекти, а во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ (повик 2020 год.), поддржан од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска агенција за развој и соработка.

Овој Центар претставува долгорочен стратешки инструмент за поддршка на регионалниот економски развој и конкурентноста во Вардарскиот плански регион преку продлабочување на соработката помеѓу бизнис заеницата од прехранбениот сектор и академската институција, односно Технолошко-техничкиот факултет (ТТФ), единица при универзитетот „Св. Климент Охридски“ лоцирана во Велес. Притоа, Центарот има улога на партнер за компаниите во процесот на развојот на иновативни продукти и/или подобрување на постоечките производи и технологии. Услугите на Центарот се достапни и за заинтересираните дипломирани и актуелни студенти на сите три циклуси студии, кои се мотивирани да ги подобрат своите стручни перформанси и претприемачки потенцијал со цел да започнат сопствен бизнис.

Во рамките на проектот набавена е лабораториска опрема со цел да се докомплетира лабораториската инфраструктура на Факултетот за анализирање на суровини и прехранбени намирници, и тоа:

  • автоматизирана опрема за определување на протеини по Kjeldahl
  • автоматизирана опрема за определување на масти по Soxlet
  • инструмент за определување на активитет на вода (aw)
  • Центарот ги нуди следниве услуги за компаниите и младите претприемачи:
  • Стручни совети и спроведување на истражување во развојот на иновативни производи на партнерите од бизнис секторот со посебен фокус на прехранбениот сектор
  • Лабораториски анализи на суровини и прехранбени производи
  • Право на користење на сала за состаноци, компјутерска лабораторија, просторија за одржување презентации и обуки, кои се во сопственост на факултетот
  • Стручна помош при подготовка на проектни апликации
  • Совети во секојдневната пракса поврзани со имплементацијата на иновативната технологија или продукт во претпијатието
  • Обуки и тренинзи за зајакнување на капацитетите за развој на иновативни производи
  • Менторирање од страна на стручни лица, претприемачи и консултанти
  • Поврзување со клиенти
  • Промоција на производи
  •  Организирање настани за вмрежување и интернационализација.

Мултидисциплинарниот професорски тим на ТТФ (составен од технолози, хемичари, биолози, доктори на медицински, земјоделски и технички науки, информатичари, економисти) стручно е насочен кон процесно-технолошките аспекти на производството на храна, и тоа во согласност со барањата на современиот потрошувач и новите сознанија во технологијата и науката за храна и исхрана. Поради тоа, канализирањето на оваа експертиза кон бизнис секторот овозможува нов пристап во правец на креирање, производство и промоција на различни видови на функционална и нова храна, храна за посебни нутритивни потреби, додатоци на исхрана и слични производи, следејќи го концептот на минимално процесирана храна и зачувување на биоактивните карактеристики на суровините. На овој начин се очекува зголемена понуда на нови прехранбени продукти со оптимизиран нутритивен квалитет на пазарот или нова понуда на храна за популациони групи со специфични нутритивни потреби (на пр. диабетичари, лица со интолеранција на одредена храна).

Формирање

На 23.02.2021 год. посета на Технолошко-техничкиот факултет (ТТФ) во Велес остварија амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Н.Е. Сибил Зутер Техада, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски и раководителот на Центарот за развој на Вардарски плански регион д-р Игор Андреев со цел да се одбележи заокружувањето на активностите во проектот за формирање на ПРЕХРАНБЕНО-ТЕХНОЛОШКИ ЦЕНТАР ЗА РАЗВОЈ НА ИНОВАТИВНИ ПРОДУКТИ (ПТЦ).

ПТЦ е формиран преку Грантовата шема за иновативни проекти, а во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ (повик 2020 год.), поддржан од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска агенција за развој и соработка. Притоа, одговорното лице за проектот проф. д-р Даниела Николовска Неделкоска на гостите им ја претстави новата софистицирана лабораториска опрема за анализа на прехранбени намирници набавена во рамките на проектот, со вкупен буџет од 2.169.000 денари.

Во текот на посетата гостите, деканот проф. д-р Татјана Калевска и претставници од бизнис секторот дадоа изјави за медиумите во кои изразија задоволство од реализираните активности во проектот и очекувања формираниот Центар да прерасне во стратешки инструмент за поддршка на регионалниот економски развој и конкурентноста во Вардарскиот плански регион преку продлабочување на соработката помеѓу бизнис заеницата од прехранбениот сектор и академската институција, односно ТТФ, како единица при универзитетот „Св. Климент Охридски“ лоцирана во Велес.

Акредитација

Со позитивната оценка од спровеното оценување за воспоставување на системот за управување со квалитет согласно меѓународниот стандард МКС EN ISO 17025:2018 во лабораториите на Прехранбено-технолошкиот центар за развој на иновативни продукти од страна на Институтот за акредитација на Република Северна Македонијаво месец септември 2023 година, финализирани се активностите за имплементација на проектот „Акредитација на лабораторијата на Прехранбено-технолошкиот центар за развој на иновативни продукти при Технолошко-технички факултет, УКЛО“, финансиски поддржан од Министерството за наука и образование.

 

Прехранбено-технолошкиот центар за развој на иновативни продукти при ТТФ, како субјект со визија за градење подобро опкружување во општествената заедница, ги повикува сите заинтересирани за воспоставување и/или продлабочување на соработка.

 

Прилогот кон сертификатот за акредитација на лабораторијата на линкот: https://ttfv.uklo.edu.mk/wp-content/uploads/sites/12/2023/10/predlog-prilog-kon-sertifikat-za-TTFV-07.09.2023.pdf

 

Раководител

Вонреден проф. д-р Даниела Николовска Неделкоска

Емаил: daniela.nedelkoska@uklo.edu.mk

Настани и активности