Светскиот ден за безбедност на храната е меѓународна иницијатива за подигнување на свеста и мотивирање на луѓето да преземат акција за да се намалат, елиминираат и контролираат ризиците од болести предизвикани од храната.

Оваа година, Светскиот ден за безбедност на храната – 7 јуни се одбележа под мотото  „Безбедност на храната: подгответе се за неочекуваното“. Овогодинешната тема ја нагласи важноста на инциденти (ситуации) поврзани со безбедноста на храната и ги промовира активности кои треба да се превземат за да се биде подготвен за управување со тие инциденти. Треба да се истакне дека да се биде подготвен за управување со инциденти поврзани со безбедноста на храната бара ангажман од креаторите на политики, властите за безбедност на храната, земјоделците и операторите со храна, а исто така и од потрошувачите.

Технолошко-техничкиот факултет од Велес ѝ оваа година, по четврти пат, организираше on-line дискусија по повод Светскиот ден за безбедност на храната 7 јуни. На on-line дискусијата свое излагање имаше Маја Лукарева, Инспектор за храна во одделението за следење на измами со храна од Агенција за храна и ветеринарство, Скопје.

На дискусијата присутните беа запознаени со целите, одговорностите и надлежностите што ги има Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), како самостоен надлежен орган. На дискусијата се дебатираше на прашања кои се однесуваа на заштита на здравјето на луѓето од болести кои се пренесуваат преку храната и заштита на потрошувачите од заблуда и нивно навремено информирање за можните опасности од храната. Исто така, се укажа за важноста и улогата на потрошувачите во обезбедувањето на безбедна храна. Во иднина треба посебно внимание да се посвети на подобрување на личната култура на потрошувачите, како и кога да ја набават храната, како да ја транспортираат, чуваат и подготвуваат во своите домови. Признавањето на лична одговорност за безбедноста на храната е предуслов за спроведување на соодветно однесување кон безбедноста на храната.