На 28.11.2023 во просториите на ТТФ Велес во присуство на претставниците од  Секторот за наука и иновации при МОН, и тоа раководителот на Секторот г-ѓа Елван Хасановиќ, заменик раководителот г-ѓа Светлана Пинева и координарот за проектот со ТТФ г. Едмонд Метај беа промовирани и презентирани завршните резултати од проектот за воспоставување на системот за компетентност според МКС EN ISO/IEC 17025:2018 во лабораториите на Прехранбено-технолошкиот центар за развој на иновативни продукти (ПТЦ) при ТТФ. Проектот „Акредитација на лабораторијата на ПТЦ согласно примената на МКС EN ISO/IEC 17025:2018″ под раководство на проф. д-р Даниела Николовска Неделкоска беше финансиски поддржан од МОН во рамките на повикот “Поддршка на формалното признавање на компетентност на лабораториите” – линија 1.

На настанот деканот проф. д-р Татјана Калевска ги поздрави гостите и се заблагодари за финансиската помош, а проф. д-р Даниела Николовска Неделкоска даде осврт на активностите и предизвиците со кои се соочуваше тимот при имплементација на проектот. Целокупниот стручен тим вклучен во реализација на проектот учествуваше во дискусијата и сподели свои искуства и сугестии.  На настанот претставниците од МОН изразија задоволство од реализираните активности и ја потенцираа апликативноста на резултатите од проектот. Средбата беше искористена и за разгледување на можностите за идна соработка.