Во врска со написи на одредени портали во кои се изнесуваат ноторни и тенденциозни невистини, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола до јавноста достави Одговор со докажани факти и аргументи.

Одговор на објавени написи

            Во врска со написот објавен на порталот Еxpres.mk на ден 29.05.2022 година и потоа превземен и објавен на други портали, заради објективно, вистинито и целосно информирање на јавноста, имаме право согласно член 16 став 4 од Уставот на РСМ, да го дадеме следниот одговор.

            Веднаш ќе потенцираме дека уште во насловот на вашата објава, а и во насловите на објавите на другите портали се содржани големи невистини.

            Имено, фондот за фунционирање и развој не претставува студентски фонд туку е фонд (сметка) за функционирање и развој на Универзитетот кој/а постои повеќе од 20 години. Токму затоа овој фонд не е „фамозен фонд“, туку е суштинска сметка за функционирање на Универзитетот, која е уредена со Статутот на Универзитетот. Од овој фонд се подмируваат расходите за вршење на дејноста на Универзитетот, а намената и распределбата на средствата се регулирани со Статутот на Универзитетот и со Правилникот за начинот и постапката за пресметување, уплата и распределба на средствата наменети за остварување на интегрираните и другите дејности на Универзитетот.

            Всушност најголемиот дел на приходи во оваа Сметка стигнуваат од единиците за остварување на интегрираните и другите дејности на Универзитетот, по основ на горенаведениот Правилник. Уплатата на студентите по 1000 денари при упис само во прва година, а не при упис на сите студенти во сите години, е незначителен дел во приходите на оваа сметка, што е видно од податоците во завршните сметки, во која студентите уплаќаат годишно околу 1.200.000,00 денари.

            Од погореизнесеното, неспорно е дека тезата за сериозна сума на пари кои ги уплаќаат студентите е неодржлива.

            Всушност, за потребите на студентите во Универзитетот функционираат  две наменски сметки, на коишто студентите уплаќаат средства кои наменски се користат за нивните потреби.

            Што се однесува на цитираните надоместоци во делот на Отворените финансии во кои што се наведени само износи за дел од раководството на Универзитетот, а не и периодот за кој се однесуваат, сакаме да потенцираме дека тоа се податоци за повеќе години, односно за периодот од 2018 до април 2022 година.

            Нејасен и тенденциозен е делот од написот во кој се издвојуваат и анализираат поединечни имиња на ректор, проректори и декани. Имено, основот за исплата е уреден со актите на Универзитетот и се однесува на сите носители на функции на Универзитетот и на факултетите. Тенденциозноста на вашето тврдење оди до тој степен што за еден проректор во табелата во објавениот printscreen намерно се изоставени износите кои се исплаќани. Всушност станува збор за утврдени надоместоци за учество во работата на органите и телата на Универзитетот и функционалниот додаток за извршување на функцијата проректор, а истите не се „ненаменски исплати“ како што е наведено во написот.

            Тенденциозноста во написот, јасно може да се утврди од употребата на зборовите „скандал“/„скандалозно“ и од крајот на текстот, каде според авторите, од  јавно достапните податоци се заклучува дека ова е „корупциски скандал“ и тие поставуваат повеќе прашања.

            Аргументирани одговори на ваквите прашања во написот, можат да се најдат во Конечните извештаи за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на УКЛО, издадени во декември 2021 година и објавени на интеренет страницата на Државниот завод за ревизија на следниот линк: https://dzr.mk/mk/211229-revizija-na-usoglasenost-2021-univerzitet-sveti-kliment-okhridski-bitola

            Во оваа прилика само ќе потенцираме дека Конечните извештаи за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на УКЛО, вклучувајќи ја и Сметката за функционирање и развој на Универзитетот, од  Државниот завод за ревизија, се со позитивно мислење без резерва по однос на финансиските извештаи.

            Раководството на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во своето работење, целосно ги применуваше и применува принципите на транспарентност, одговорност и отчетност, што се потврдува не само во погоренаведените Извештаи, туку и со Извештаите на сите други релевантни и надлежни национални и меѓународни институции.

            На крајот, изразуваме почит кон јавноста, која секогаш заслужува професионално и проверено информирање со изнесување на докажани факти и аргументи.

 

Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола